Свет

Светските лидери во Њујорк на Генерално собрание на ООН

22.09.2026 09:50

На маргините, украинскиот претседател Зеленски се сретна со францускиот колега Макрон. Тој најави средба и со Трамп, како и со десетици други американски и европски претставници и меѓународни организации...

Светските лидери во Њујорк на Генералното собрание на ООН, во сенка на војните во Украина, на Блискиот Исток и во Африка. Во фокусот се и вештачката интелигенција, глобалните економски предизвици и реформата на ОН. На маргините, украинскиот претседател Зеленски се сретна со францускиот колега Макрон. Тој најави средба и со Трамп и порача дека сака американските санкции против Русија да почнат да даваат ефект. За него, приоритет број еден е приближување на мирот и заштита на животите.

„Штотуку се сретнавме со сенаторите. Благодарни сме за усвојувањето на законот за санкции против Русија и Иран. Ќе разговараме и со претседателот Трамп. Сакам санкциите да почнат да даваат резултати“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Макрон претходно се сретна и со Трамп, на кого му ја пренел потребата на Украина од дополнителни пресретнувачи на ракети поради руските напади со дронови и ракети.

„Имавме долга дискусија за Украина и Русија, како и за потребата да им се пружи побрза и посилна поддршка на нашите украински пријатели во однос на пресретнувачите, бидејќи тоа е клучниот одбранбен фактор. Исто така, повторно разгледавме потенцијални иницијативи за мораториум на прашања поврзани со енергетиката“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Трамп јавно ги критикуваше и Украина и Русија поради нападите врз нафтените рафинерии, што, според него, е причина за вртоглавиот раст на цените на дизелот на глобално ниво. Во меѓувреме, борбите продолжуваат. Русија изврши масовен ноќен напад врз украински индустриски, енергетски и пристанишни објекти. Погодени се цели во Киев, Дњепропетровск, Полтава и Одеса, а жртви се пријавени во Дњепар. Киев возвраќа со удари во Русија, погодена рафинеријата во Самара.