ДЗР: Системот за заштита и спасување не е доволно подготвен за катастрофи
Според ревизијата, системот не функционира како целосно интегриран и ефикасен механизам за превенција, подготвеност и навремен одговор при катастрофи. Националната стратегија за заштита и спасување не е донесена, а последната била со важност до 2018 година. Нацрт-стратегијата за периодот 2026–2030 година сè уште не е усвоена.

Државниот завод за ревизија утврди слабости во стратешкото планирање, координацијата, опременоста и финансирањето на системот за заштита и спасување. Ревизорите предупредуваат на зголемени ризици од шумски пожари, поплави и екстремни временски услови.
Според ревизијата, системот не функционира како целосно интегриран и ефикасен механизам за превенција, подготвеност и навремен одговор при катастрофи. Националната стратегија за заштита и спасување не е донесена, а последната била со важност до 2018 година. Нацрт-стратегијата за периодот 2026–2030 година сè уште не е усвоена.
Особено загрижувачки се податоците за шумските пожари. Во 2024 година во земјава биле регистрирани 97.660 хектари изгорена површина, најмногу во последната деценија. Во периодот 2023–2025 година, според ЈП „Национални шуми“, изгореле 82.714 хектари, со проценети штети од 133,7 милиони евра.
Недостигот од кадар и опрема е евидентен и во противпожарната служба. Во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје од 384 систематизирани места за пожарникари, пополнети се само 172, а ревизијата утврдила и застарена опрема.
Во периодот 2022–2024 година за противпожарна заштита биле обезбедени 2,23 милијарди денари, но дури 98,5 проценти биле потрошени за тековни расходи, додека само 1,5 процент биле наменети за капитални расходи, односно за модернизација и опрема.
ДЗР утврдил и слабости во управувањето со материјалните средства и воздушните сили, како и ограничени капацитети за инспекциски надзор. За контрола на сите правни субјекти, со сегашниот број инспектори и начинот на работа, би биле потребни околу 55 години.
Ревизорите препорачуваат реформи за воспоставување интегриран систем за заштита и спасување, со нова стратегија, стабилно финансирање, зајакнати капацитети и поефикасен мониторинг и надзор.
