Системот за заштита и спасување не е доволно подготвен за катастрофи, алармираат ревизорите
Недостиг од пожарникари, застарена опрема, ограничени финансии и слаб инспекциски надзор – Државниот завод за ревизија констатира низа слабости во системот за заштита и спасување. Од ДЗС велат дека дел од проблемите во меѓувреме се намалени.

Системот за заштита и спасување не е доволно подготвен за навремено и ефикасно справување со катастрофи и реактивно функционира со ограничени ресурси, оценка на државниот завод за ревизија.
Според ревизорите, поради недостигот од нови стратешки документи нема јасно определени приоритети, насоки и сценарија за постапување во услови на катастрофи, па честопати се прогласува кризна состојба за да се ангажираат армијата, полицијата и меѓународна помош.
Во државата има недоволен број пожарникари, застарена опрема, механизми за следење и финансии. Особено е критична состојбата со скопската противпожарна бригада која наместо 384 има 172 пожарникари одговорни за над 600 илјади жители и површина од речиси 1.900 квадратни километри.
Ревизорскиот извештај посочува дека планинското спасување не е законски уредено како дел од оперативните сили. Дирекцијата за заштита и спасување располага со 30 магацини, но нема интегриран систем за материјална и финансиска евиденција.
Проблем е и инспекцискиот надзор, има само 14 до 17 инспектори кои годишно прават над 1.300 надзори, а потребни се 322 инспектори.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов оцени дека дел од слабостите регистрирани од ревизорите значително се намалени со минатогодишните измени на Законот за управување со кризи и со дополнувањето на законот за заштита и спасување од овој јуни.
„Состојбата со ресурсите е значително подобрена. Летово по повеќе години ер-тракторите навреме беа сервисирани и ставени во функција пред сезоната на пожари на отворено. Поголем е и бројот на доброволни пожарникари и тимови за брз одговор на ДЗС. Летово немаше потреба за барање на меѓународна помош и првпат ставивме на располагање два ер-трактора на Европскиот механизам за заштита и спасување“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
И ревизорите и ДЗС се согласни дека потребна е единствена институција со надлежностите од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Ирина Гелевска
