Блиски Исток

Заливските држави бараат нов договор со Иран

22.09.2026 18:57

Нов ризик од ширење на војната на Блискиот Исток. Иран директно предупредува дека конфликтот може да стане регионален, додека Вашингтон го засилува економскиот притисок врз Техеран. Во исто време, тензиите се прелеваат кон Црвеното Море и ги загрозуваат клучните поморски патишта. Г7 го повика Иран да престане со поддршката за Хутите, предупредувајќи на закана за регионалната стабилност и глобалната енергетска безбедност додека борбите на јеменскиот фронт разгоруваат.

Заканата од поширока регионална војна на Блискиот Исток станува се пореална. Иран предупредува дека конфликтот може да се прошири, откако Трамп се закани со ескалација доколку Техеран не попушти. Пред заминувањето за Њујорк, иранскиот претседател ги обвини САД дека ги прекршиле постигнатите договори и порача дека Иран нема да се покори под притисок.

„Потпишавме договори, но целиот свет виде колку лесно Американците ги прекршуваат. Не можат со употреба на сила да ги натераат луѓето да се покорат“, изјави Масуд Пезешкијан -претседател на Иран.

Од Техеран стигнува и директна закана дека војната може да добие пошироки размери.

„Ќе ја регионализираме војната. Војната не е завршена. Бевме подготвени, а сега сме уште поподготвени за продолжена војна“, изјави Хосеин Мохеби -портпарол на ИРГЦ.

Вашингтон во меѓувреме го засилува економскиот притисок. Од утре се запираат глобалните летови на иранските авиокомпании, а на земјите и компаниите што ќе им помагаат им се закануваат санкции.

„Ако слета ирански авион, не смеете да му обезбедите гориво, услуги за слетување и ракување, ниту да му продавате билети. Во спротивно, ќе бидете целосно исфрлени од доларскиот финансиски систем“, изјави Скот Бесент -министер за финансии на САД.

„Иран Ер“ најави дека ќе продолжи со летовите. Кина, пак, се спротивстави на американските санкции.

„Кина отсекогаш се спротивставувала на незаконски еднострани санкции кои немаат основа во меѓународното право и одобрение од Советот за безбедност на ОН“, изјави Гуо Ѕиакун -портпарол на МНР на Кина.

Кризата во меѓувреме се шири и по морските патишта. Турција, Саудиска Арабија, Пакистан и Египет повикаа на координација, деескалација и слободна пловидба низ Ормускиот Теснец, додека тензиите се прелеваат во Црвеното Море. Хутите бараат прекин на, како што ја нарекуваат, саудиската агресија и блокада.

„Стопирајте ја агресијата против нашиот народ и прекинете ја блокадата“, изјави Абдул Малик ал-Хути -лидер на Хутите.

ЕУ, пак, бара засилување на поморската мисија „Аспидес“ поради зголемените напади на Хутите и заканите за глобалниот поморски сообраќај.

„Ситуацијата е уште посериозна. Гледаме зголемени напади, а Ормускиот Теснец е затворен. Тоа е клучен воден пат за трговијата. Би рекла дека ни требаат повеќе од десет брода, но во моментов немаме толку“, изјави Каја Калас -висока претставничка на ЕУ за надворешна политика.

Земјите од Г7 го повикаа Иран да престане со поддршката за Хутите, предупредувајќи на закана за регионалната стабилност и глобалната енергетска безбедност. Техеран негира дека ја снабдува групата со оружје додека борбите на јеменскиот фронт разгоруваат.

 

Бојана Крстевски