Јенс Столтенберг, новиот Генерален секретар на НАТО ги откри приоритетите - Русија и ИСИЛ
Проширувањето на Алијансата не најде место на прес конференцијата на новиот генерален секретар. Но, Столтенберг не испушти да каже дека планира поголема соработка со земјите партнери и соседството на Алијансата, што ја вклучува и Македонија

„Вистински скандинавски мебел. Ова ќе биде мојата нова канцеларија во наредните две години се додека не се преселиме во новата зграда отспротива“.
По првата изјава, поранешниот норвешки премиер и новоназначен Генерален секретар се смести во стилски моделираната фотелја. Таа нема да му биде толку комотна во наредните четири години во кои ќе се соочи со растечката опасност- создавањето на територијалниот интегритет на Исламскиот калифат кој наоѓа подлога и во слабостите на балканската разноличност.
„Нападите врз Исламската држава ќе продолжат, со одлучни акции против ИСИЛ. Ние имаме право да се браниме, со максимална поддршка на Турција“, рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Вториот фронт на одбрана, Алијансата ќе го создава низ поранешните источни комунистички земји. Како и Турција, која е клучна во заднината на уништувањето на Исламската држава, Полска се смета за предна линија на одбрана од Русија. Столтенберг ги повтори изјавите на неговиот претходник дека Русија го крши меѓународното право.
„Бараме од Русија итен прекин на огнот во Украина која Москва ја дестабилизира. За ова е неопходен ангажман на силен НАТО што не ја исклучува соработката со Русија“, рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Она што нас не интересира, проширувањето на Алијансата не најде место на прес конференцијата на новиот генерален секретар. Но, Столтенберг не испушти да каже дека планира поголема соработка со земјите партнери и соседството на Алијансата, што ја вклучува и Македонија. Ако се суди според неговите гурмански афинитети, Столтенберг ужива во полнетите пиперки, ќебапчиња и јадења од грав, бидејќи дел од животот минал во Белград, тогаш би можело да се разликува во ставовите од неговиот претходник Расмусен кон аспирантите за прием во алијансата.
Зоран Богатинов
