Македонија

Сузбиена криминална група за криумчарење и корупција, одземени над 100.000 евра

22.09.2026 14:21

Кривична пријава против осум лица за криумчарење, коруптивни кривични дела и перење пари. Во полициската акција во Скопје, Тетово и Гевгелија се одземени над 100.000 евра, цигари и тутун без акцизни маркички, лекови, суплементи и други предмети.

Под раководство на ОЈО за ГОКК, полицијата вчера спроведе акција за сузбивање криминална група инволвирана во криумчарење стоки и коруптивни кривични дела. Во акцијата, во која учествувале полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Единицата за брзо распоредување, биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија.

Од слобода се лишени шест лица, а при претресите биле пронајдени и одземени над 100.000 евра, 16 плочки во златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи нелегално внесени во државата, мобилни телефони и други предмети.

Единицата за финансиски криминал до ОЈО за ГОКК поднела кривична пријава против осум лица за повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење, избегнување плаќање акциза, примање и давање поткуп, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување и перење пари и други приноси од казниво дело.

Според пријавата, во периодот од 2024 до 2026 година, првопријавениот организирал нелегално внесување и складирање цигари и тутун, како и нивна понатамошна препродажба. Преку давање поткуп на царински службеник, на членовите на групата им било овозможено непречено пренесување на акцизна стока преку царинската линија без пријавување и плаќање на законските давачки, како и нелегално внесување лекови и суплементи наменети за продажба.

Со дел од дејствијата, според МВР, била предизвикана материјална штета на државниот буџет преку избегнување царински давачки, акциза и ДДВ во значителен износ. Воедно, со пуштањето во промет на дел од производите без одобрение, упатство и рецепт, била предизвикана опасност по здравјето на луѓето.