Уставен суд

Федералниот судија Пол Бајрон во посета на Уставниот суд

22.09.2026 14:43

Костадиновски, оствари средба со Пол Бајрон, судија во Федералниот окружен суд на САД за Средниот округ на Флорида (U.S. District Court for the Middle District of Florida), кој денеска го посети Уставниот суд.

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, оствари средба со Пол Бајрон, судија во Федералниот окружен суд на САД за Средниот округ на Флорида (U.S. District Court for the Middle District of Florida), кој денеска го посети Уставниот суд.

По средбата со претседателот Костадиновски, судијата Бајрон оствари средба и со сите судии на Уставниот суд, на која се разговараше за актуелни прашања и предизвици со кои се соочува уставното судство, како и за улогата на судовите во заштитата на уставноста и човековите права и градењето доверба кај граѓаните.

Претседателот Костадиновски го информираше судијата Бајрон за процесот на унапредување на транспарентноста на Уставниот суд, особено за воведувањето директни преноси на седниците на Судот, со што граѓаните имаат можност непосредно да ја следат работата, дискусиите и аргументите на судиите.

Костадиновски посочи дека довербата во судството не може да се разгледува како одговорност единствено на судската власт.

„Овој состав на Уставниот суд, почнувајќи од 1 септември 2024 година, направи сериозни реформи во функционирањето на Судот, со посебен фокус на транспарентноста и ефикасноста на постапките. Довербата се гради со храбри и бескомпромисни одлуки, отвореност, но за довербата во судството не може да биде одговорно само судството. Многу пати во мои јавни излагања сум го посочил овој факт, одговорноста мора да ја споделуваат власти. Ако судството има 2% доверба и тоа е состојба што трае со децении, каде биле тогаш останатите две власти? На годишен одмор? Така што, не би се согласил дека има ниска доверба во судството, тоа е пресликано кон целиот државен апарат и за тоа се потребни револуционерни решенија и храброст“, истакна претседателот Костадиновски.

На средбата беа разменети искуства и за притисоците со кои се соочуваат судиите во различни демократски системи. Судијата Бајрон го поздрави воведувањето на директните преноси на седниците на Уставниот суд, оценувајќи ја транспарентноста како една од клучните алатки за градење доверба кај јавноста.

„Една од најмоќните алатки е транспарентноста, како одговор на сите напади и притисоци. Да бидеме јасни и подготвени на јавноста да ѝ објасниме што сме одлучиле. Со емитувањето во живо на дискусиите имате одлична алатка во рацете, на граѓаните да им покажете колку сте подготвени за седниците и да имате јасни и добро аргументирани образложенија. На тој начин граѓаните можат директно да ве видат и слушнат и да разберат за што се залагате. Нема поголема придобивка од довербата на граѓаните“, истакна Бајрон.

На средбите во Уставниот суд присуствуваа сите судии на Уставниот суд, како и претставници на Амбасадата на САД-Стив Мајгрант, федерален обвинител од Портланд, Орегон, и Каролајн Баденхаген, директорка на Канцеларијата за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL) во Амбасадата на САД.

Судијата Пол Бајрон е федерален окружен судија во Средниот округ на Флорида, со седиште во Орландо. Во 2001 година, бил избран да работи како обвинител во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, Холандија, работел во Министерството за правда во Меѓународниот оддел на Единицата за одземање имот и перење пари, како експерт за банкарски надзор и спречување на финансирање тероризам. Во 2005 година, судијата Бајрон станал партнер во адвокатска канцеларија специјализирана за спорови поврзани со одговорност за производи и штети предизвикани од изложеност на токсични материи.