Култура

Ретроспективна изложба „Благоја Маневски: 40 години творештво“ утре во Музејот на современата уметност во Скопје

23.09.2026 09:21

Ретроспективната изложба на Благоја Маневски (1957) го претставува неговиот творечки пат од 1985 година до 2025 година – пат обележан со постојана промена, истражување и храбро поместување на границите меѓу сликарството, објектот, инсталацијата, фотографијата, цртежот, амбиентот и хепенингот.

„Благоја Маневски: 40 години творештво“ е насловот на ретроспективната изложба што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. Со изложбата ќе бидат одбележани четири децении уметничко истражување, експеримент и постојано преиспитување на границите на уметничкото дело. Куратори на изложбата се Лилјана Неделковска и Натали Рајчиновска-Павлеска, а координатор на проектот е Благоја Варошанец.

Ретроспективната изложба на Благоја Маневски (1957) го претставува неговиот творечки пат од 1985 година до 2025 година – пат обележан со постојана промена, истражување и храбро поместување на границите меѓу сликарството, објектот, инсталацијата, фотографијата, цртежот, амбиентот и хепенингот.

„Од раните сликарски искуства и апстрактните истражувања, преку објектите и просторните интервенции, до концептуалните инсталации и перформативните форми, Маневски развива автентичен визуелен јазик во кој традицијата, просторот, материјата и личното искуство се среќаваат во постојан дијалог. Неговото творештво го одбележува силна авторска позиција и континуирана потреба од преиспитување на она што може да биде уметничко дело. Тоа е уметност која ја истакнува енергијата на раката, телото и материјата, како тивок, но моќен отпор кон брзината и технолошката медијација на современата визуелна култура. Појавувајќи се во значајни национални и меѓународни уметнички контексти, меѓу кои Југословенската Документа, Биеналето на млади југословенски уметници во Риека и Венециското биенале, Маневски зазема значајно место во развојот на македонскиот современ уметнички дискурс“, велат кураторите.

Во рамки на изложбата отпечатено е обемно монографско издание за авторот каде се застапени авторски текстови од Лилјана Неделковска, Натали Рајчиновска-Павлеска, Бојан Иванов и Валентино Димитровски.