Народната банка и ЕИБ започнуваат изработка на Зелена национална таксономија
Народната банка, заедно со надлежните министерства и институции, започнува активности за изработка на Зелената национална таксономија, во соработка со Европската инвестициска банка. Таксономијата треба да воспостави јасни критериуми за определување на одржливите економски активности и да придонесе кон насочување на инвестициите и финансиските средства кон зелени проекти.

Во рамките на Програмата за зелени финансиски системи, Народната банка, во соработка со Европската инвестициска банка, надлежните министерства и институции, започнува со изработка на Зелената национална таксономија.
Станува збор за систем за класификација на економските активности кои придонесуваат кон заштитата на животната средина, со јасни и научно засновани критериуми во согласност со принципите на одржливиот развој и еколошките стандарди.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, истакна дека таксономијата ќе им овозможи на инвеститорите, компаниите, банките и носителите на економските политики полесно да ги определат зелените активности и да ги насочат ресурсите кон економија со ниска емисија на јаглерод.
Според него, таа ќе придонесе и за поголема транспарентност, спречување на еколошка манипулација и развивање зелени финансиски инструменти.
Шефот на претставништвото на ЕИБ во земјава, Бјорн Габриел, оцени дека воспоставувањето заеднички јазик меѓу носителите на политики, банките, компаниите и инвеститорите ќе помогне во привлекувањето инвестиции и развојот на нови зелени финансиски производи.
Со изработката и донесувањето на Зелената национална таксономија се очекува постепено усогласување на македонското законодавство со европската регулатива и меѓународните стандарди, како и поголема транспарентност во однос на отпорноста на економските сектори на климатските ризици.
Таксономијата ќе биде приспособена на условите и спецификите на македонската економија и постепено ќе се усогласува со европското законодавство.
