Кредитирањето во август порасна за 13,6 отсто на годишно ниво, депозитите за 9 отсто
Годишен раст од 9 отсто на вкупните депозити и од 13,6 проценти на вкупната кредитна поддршка...

Кредитната активност во август продолжи да расте, со месечен раст од 0,7 отсто и годишен од 13,6 отсто, покажуваат податоците на Народната банка. Вкупните депозити се зголемиле за 1,6 отсто на месечно и за 9 отсто на годишно ниво, додека паричната маса пораснала за 1,3 отсто во однос на јули.
Депозитите на корпоративниот сектор во август пораснале за 6,2 отсто на месечна и за 6,1 отсто на годишна основа. Кредитите на претпријатијата бележат месечен раст од 0,6 отсто, додека годишниот раст забрзал на 15,1 отсто.
Кај домаќинствата, депозитите во август се намалиле за 0,4 отсто на месечно ниво, но на годишна основа се повисоки за 10,2 отсто. Орочените депозити на населението пораснале за 0,6 отсто на месечно и за 5,8 отсто на годишно ниво.
Кредитите на населението продолжиле да растат, со месечна стапка од 0,7 отсто и годишна од 12,3 отсто. Растот главно произлегува од кредитите во денари. Потрошувачките кредити на годишно ниво пораснале за 12,2 отсто, а станбените за 16,2 отсто.
