Македонија

Судскиот совет ја истражува состојбата во Кумановскиот суд по поплаките против претседателката

23.09.2026 18:02

Судскиот совет ги следи случувањата во Кумановскиот суд по поплаките против претседателката и барањата на синдикатот на УПОЗ за нејзино разрешување. Формирани се две комисии кои работат на утврдување на фактичката состојба, а пристигнуваат и дополнителни дописи од засегнатите страни – велат од советот. Закажана и средба со претседателката на судот во Куманово, Снежана Манев по нејзино барање.

Судскиот совет на соочување со претседателката на Кумановскиот суд на нејзино барање откако синдикатот на УПОЗ застана зад вработените, алармирајќи за наводно лошо однесување кон нив. Иако состојбите ги знаат од поодамна, членовите на Советот сакаат да се запознаат од блиску и пред сè да најдат позитивно решение, вели координаторот за случувањата во овој суд, Николовски.

Дека по претставката се работело експресно и покрај подолгите законски рокови, уверува Јошевска Анастасовска. Постапувано е, вели, и покрај недостаток на потписи само поради јавниот интерес и да им се излезе пресрет на засегнатите.

Претседателот на УПОЗ, Деановски, побара Судскиот совет неодложно да постапи по претставката поднесена за претседателката на кумановскиот Основен суд, Снежана Манев, која според него со навредливи и омаловажувачки зборови им се обраќала на вработените во судот и им вршела притисок. Манев ги отфрли ваквите тврдења и прстот го впери во судски администратор опфатен со дисциплинска постапка поради кој е инициран протестот во судот.

Фиљана Кока