Зеленски бара од САД да ја преземат палката за мировни разговори
На маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, украинскиот претседател оствари средби со американскиот претседател, премиерот на Обединетото Кралство, шефицата на Европската комисија. ЕУ инсистира, Киев да ги исполни реформските обврски, за да Украина добие нови милијарди европска финансиска поддршка. Зеленски пак бара од САД да ја преземат палката за мировни разговори. На фронтот, војната продолжува…

Украинскиот претседател предупреди дека Русија подготвува нов голем напад врз неговата земја и ги повика сојузниците да продолжат да ја зајакнуваат украинската воздушна одбрана. Обединетото Кралство вети дополнителна поддршка во областа на енергетиката и противвоздушната одбрана, Европската унија инсистира, Киев да ги исполни реформските обврски, за да Украина добие нови милијарди европска финансиска поддршка.
„Ризикот од офанзива со дронови, ракети или копнена операција е многу голем за другите земји што граничат со Русија или Белорусија. Тие треба да одговорат. Не се работи само за војната. Ако не им одговорите на Русите, тие ќе продолжат понатаму“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На маргините на Генералното собрание на ООН во Њујорк, Зеленски се сретна со американскиот претседател Трамп, со кого разговараше околу напорите за ставање крај на војната со Русија. Шефот на Белата Куќа од говорницата на Генералното Собрание рече дека САД тесно соработуваат со лидерите на Киев и Москва за мировно решение.
„Работиме со лидерите на Русија и Украина и ќе го решиме тоа прашање. Мислам дека тоа ќе се случи побрзо отколку што луѓето можат да замислат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Русија соопшти дека не постојат предуслови за почнување мировни преговори, но сè уште нема конкретни детали во врска со какви било средби на високо ниво. Од Кремљ обвинија дека милитаризацијата на Украина од страна на Европа продолжува.
„Зеленски, доколку сака, може да дојде во Москва, ќе му бидат обезбедени сите неопходни безбедносни гаранции. А тој одлично знае какви одлуки треба да се донесат. Во спротивно, одржувањето самит пред да заврши работата на експертско ниво е несоодветно, бидејќи тоа би било губење време“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
И покрај дипломатските разговори за ставање крај на војната, воените дејствија продолжуваат со ненамален интензитет. И Украина и Русија нотираат нови напади изминатото деноноќие.
Маријана Димовска
