САД и Иран ги продолжуваат преговорите со катарските посредници
САД и Иран ги продолжуваат преговорите со катарските посредници. Портпаролот на иранското МНР Багаеи потврди за средбата меѓу двете делегации. И Трамп соопшти за тричасовна средба на Виткоф и Кушнер со иранските претставници...

По неколкумесечен застој, искра надеж за дипломатијата. САД и Иран ги продолжуваат преговорите со катарските посредници. Портпаролот на иранското МНР Багаи потврди за средбата меѓу двете делегации. И Трамп соопшти за тричасовна средба на Виткоф и Кушнер со иранските претставници.
„Комуникацијата се одвиваше преку катарски посредници. Всушност, иранската делегација многу јасно и експлицитно ги пренесе своите ставови и услови до американската страна преку тие посредници. Ова не беше ништо ново. Претходно оваа недела, Исламската Република веќе ги изнесе своите позиции и ставови за различни прашања, вклучително и за Ормускиот теснец, регионалната безбедност и условите на Иран за дипломатија“, изјави Есмаил Багаи – портпарол на МНР.
Изјавата на Багаи доаѓа само ден по обраќањето на американскиот претседател Трамп пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, во коешто американскиот претседател се закани дека ќе ја уништи Исламска Република, ако наскоро не се постигне договор за ставање крај на неколкумесечната војна.
„Пред мене е голема одлука. Дали да се склучи договор со Иран што ќе му овозможи да се обнови и да изгради многу помоќна земја од она што некогаш била или, пак, да ја уништам Исламската Република, и тоа брзо, без да ѝ дадам шанса повторно да убива и да уништува луѓе и држави?“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Сепак, обновувањето на преговорите меѓу САД и Иран, не влева оптимизам кај жителите на Иран.
„Не верувам дека преговорите ќе дадат некакви резултати. Едноставно ќе се повтори истиот циклус на конфликт. САД напаѓаат, а Иран возвраќа. Не, нема надеж за овие преговори“, изјави жител на Иран.
„Малку е веројатно дека ќе постигнат договор. Овие средби се само рутински, политички маневри. Преговорите се залудни сè додека се занемарува ставот на јавноста, особено нивното противење на таков договор“, изјави жителка на Иран.
„Тоа е нивниот, американскиот, начин на делување: зборуваат за преговори, а сепак за време на разговорите ги диктираат сопствените услови и одбиваат да ни ги дадат отстапките што ги бараме“, изјави жител на Иран.
На маргините на Генералното собрание, средба и на европретставничката Калас со шефот на иранската дипломатија Аракчи. Разговарале за можностите за крај на војната. Калас побарала пловидбата низ Ормус и низ теснецот Баб-ел-Мандеб да се одвива непречено и слободно, без наплата на такса за минување.
Маја Стојанова
