Одбележан Меѓународниот ден на знаковниот јазик
Не е важно само да имаме јазик, важно е тој јазик да биде препознаен, достапен и разбирлив за сите. За глувите и наглувите лица знаковниот јазик е основа за комуникација, образование и активно учество во општеството. Но, пред нив сè уште стојат предизвици. Во ДСУРЦ „Партенија Зографски“ одбележан Меѓународниот ден на знаковниот јазик, 23 септември.

Ова не е тишина, ова е јазик. За учениците во училиштето „Партенија Зографски“ знаковниот јазик е секојдневие. За општеството пак претставува предизвик, тој да биде уште по присутен и подостапен. Подобрување на процесот на стандардизација на знаковниот јазик, негово воведување како предмет во образованието и поголема интеграција на глувите лица во средината во која живеат. Ова се дел од предизвиците кои треба да бидат надминати.
Како општество, треба уште да работиме на промена на ставовите кон лицата со попреченост. И општините имаат обврска да обезбедат по едно лице – толкувач за луѓето со оштетен слух и говор, помош и за лицата со оштетен вид, за да имаат поддршка во различни ситуации – вели министерката за образование Јаневска.
Знаковниот јазик нè потсетува дека секој јазик може да биде мост, доколку се користи за да ги зближува луѓето – рече претседателот на собранието Гаши.
Зборовите не се секогаш гласни. Понекогаш се кажуваат со раце, со поглед и со еден единствен знак.
Денес на Меѓународниот ден на знаковниот јазик да се потсетиме дека комуникацијата не треба да има бариери.
Ана Јосифоска
