МВР ќе се вклучи во контролата на боледувањата, се подготвуваат построги правила
Полицијата ќе се вклучи во контролата на боледувањата преку систем за размена на податоци со Фондот за здравство. Се разгледуваат мерки за спречување можни злоупотреби, меѓу кои и проверка дали лице на боледување ја напуштило државата.

Полицијата ќе се вклучи во контролата на боледувањата. Министерот Тошковски вели – со години има злоупотреби од вработените и во јавниот и во приватниот сектор. За нивно откривање потребен е подобар институционален одговор, но проверките мора да се спроведуваат со почитување на законите и човековите права.
„Сите тие процесни чекори кои треба да ги преземеме институционално мора да бидат согласно Устав, закон, европска конвенција за човекови, слободи и права, сите меѓународни конвенции. Во ниту еден случај не почитувајќи и кршејќи ги човековите права и сигурен сум дека која и да биде одбрана постапка да се спроведе институционално, со употреба на технологија, ќе биде согласно потребните стандарди и начела“, изјави министерот Тошковски.
Фондот за здравство подготвува построги правила за користење боледувања. Со МВР работат на систем за размена на податоци, со кои би се откривале можни злоупотреби – вклучително и лице кое користи боледување ја напуштило државата. Министерот Клековски смета дека за проверка на движење потребно е законско решение.
„Ние имаме ситуации каде што имаме луѓе кои се на боледување, а на Инстаграм се сликаат на одмор во Италија. И по тоа не може да се постапи, сметате дека тоа е заштита на правата на работникот. А во однос на контролата на движење, сметам дека тоа треба да се уреди со закон“, нагласи министерот Клековски.
Меѓу предложените мерки е намалување на периодот за кој матичните лекари можат да отворат боледување од седум на пет дена, како и можност контролори да проверуваат дали лицето кое е на боледување се наоѓа домашна адреса. Предлог-измените на правилникот за боледување во понеделник ќе ги разгледува Управниот одбор на Фондот.
Андријана Ѓурческа
