ДЗР

ДЗР со низа забелешки за работењето на Пазарниот инспекторат

24.09.2026 09:47

Државниот завод за ревизија со низа забелешки за работењето на Државниот пазарен инспекторат. Ревизијата утврди недостиг на инспектори, невоспоставени електронски регистри и нецелосна финансиска евиденција. Од 313 систематизирани инспекторски места, пополнети се само 148, а апликацијата „Е-инспектор“ сè уште не е во целосна употреба. ДЗР дава препораки за зајакнување на капацитетите, дигитализација и подобрување на инспекциските постапки.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на Државниот пазарен инспекторат за 2024 година. Констатирани се неправилности и неусогласености, поради што е изразено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива.

Во 2024 година ДПИ спровел 28.263 инспекциски надзори – 21.108 редовни, 5.106 вонредни и 2.049 контролни. Надзорот го вршеле 148 инспектори, односно само 47 отсто од 313 систематизирани работни места. Пет одделенија немаат раководители, а ревизијата утврдила и распоредување административни службеници на работни места инспектори.

Во периодот јануари-октомври 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување без обезбедени средства и без да бидат предвидени во Годишниот план за вработување. Во декември 17 решенија биле поништени, а вработените вратени на претходните работни места.

Регистрите и информацискиот систем за управување со инспекцискиот надзор сè уште не се воспоставени, а апликацијата „Е-инспектор“ не е целосно ставена во употреба. ДПИ нема единствена електронска база со методологија за проценка на ризик, што го отежнува планирањето и следењето на инспекциските активности.

Посебно е издвоено Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи, каде од 14 предвидени работни места биле пополнети само пет. Во периодот 2022-2025 година, со поддршка преку меѓународни проекти, биле спроведувани лабораториски анализи на производи, при што од пазарот биле повлечени 40 производи. Ревизијата предупредува дека по завршувањето на проектите е неизвесно дали ќе продолжат овие контроли поради ограничените буџетски средства.

Утврдено е и дека ДПИ нема соодветни објекти за чување на одземените предмети до нивното предавање на Агенцијата за управување со одземен имот, што создава ризик од несоодветно постапување и финансиски загуби.

Во финансиското работење е утврдено дека пописот на средствата и обврските не е целосно спроведен, а во материјалната евиденција не се евидентирани канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари, обрасци за инспекциски надзор од 791 илјади денари и автомобилски гуми од 249 илјади денари.

Ревизијата ја истакнува и статусната промена на ДПИ, кој по измените во законската регулатива продолжува да функционира како орган во состав на Министерството за економија и труд, без својство на правно лице. Ова е наведено и во контекст на препораките на Европската комисија за зајакнување на персоналот, реструктурирање, дигитализација и обезбедување оперативна независност на ДПИ.

За надминување на утврдените состојби, ДЗР препорачува зајакнување на човечките ресурси, воспоставување електронски регистри и информациски систем, унапредување на финансиската и материјалната евиденција и инспекциските постапки, обезбедување услови за чување на одземените предмети и продолжување на контролите за безбедност на производите.