Македонија

Јавна расправа за Нацрт-просторниот план во Струмица

24.09.2026 12:00

Во Струмица денеска се одржува јавна расправа за Нацрт-просторниот план на Македонија до 2040 година. Додека од Министерството за животна средина велат дека граѓаните и правните лица ќе можат да дадат мислења и забелешки за предложените плански решенија, екоактивистите од „Здрава котлина“ реагираат на делот што предвидува отворање на пет рудници на метали во југоистокот.

Денеска во Струмица, Министерството за животна средина и просторно планирање организира јавна расправа за нацрт просторниот план на Македонија до 2040 година.

Расправата е можност за запознавање на јавноста од струмичкиот регион со предложените плански решенија во сите области за кои физичките и правни лица може да даваат мислења, предлози и забелешки на документот за просторниот развој на државата.

Екоактивистите од струмичко преку „Здрава котлина“ веќе го отфрлија предлог планот како документ кој предвидува отворање на рудници во југоистокот.

За нив спорен е делот каде е наведено дека во периодот до 2040-тата година треба да се отворат уште пет рудници на метали и тоа Иловица – Штука, Казан Дол, Плавица, Кадиица и Луке заради што повикаа на масовност на јавната расправа што ја организира Министерството за животна средина.