Македонија

70 случаи на западнонилска треска, деветмина починале

24.09.2026 13:01

Во Македонија се регистрирани 70 случаи на западнонилска треска, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. Најголем дел од заразените се од Скопје, а годинава од вирусот починале деветмина.

Заклучно со 22 септември, во Македонија се регистрирани вкупно 70 случаи на западнонилска треска, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје. Најголем дел од заболените се од Скопје – 63 случаи, три се од Велес, а по еден случај има од Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово.

Само еден од инфицираните во епидемиолошката анкета навел дека патувал во Грција, но инкубацискиот период опфаќа и период во Македонија, па не може да се исклучи дека инфекцијата ја добил во земјава.

Од заболените, 74 проценти се мажи, а просечната возраст е 66,5 години. Сите заболени со невроинвазивна форма на западнонилска треска биле хоспитализирани. Годинава од вирусот починале деветмина, од кои речиси сите имале и други придружни заболувања.