Здравство

Нема лекарска грешка во случајот со родилката од Струмица, утврди стручната комисија

24.09.2026 13:13

Стручната комисија составена од пет експерти утврди дека невролошката состојба на родилката од Струмица не е последица на спиналната анестезија, ниту на лекарска грешка во болниците во Струмица и Штип и на Клиниката за неврологија во Скопје. Како најверојатна причина се посочува спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови.

Комисијата за надзор над стручната работа, составена од гинеколог, анестезиолог, невролог, неврохирург и радиолог, од кои двајца експерти од Србија и Словенија, го заврши надзорот над лекувањето на родилката од Струмица.

Заклучокот на комисијата е дека невролошката состојба на пациентката не е последица на спиналната анестезија, ниту на лекарска грешка во ОБ Струмица, КБ Штип или Клиниката за неврологија во Скопје.

Според експертите, анестезијата е дадена во долниот дел од ’рбетот, додека промената во ’рбетниот мозок е значително повисоко. По породувањето, пациентката била отпуштена без невролошки симптоми, кои се појавиле неколку дена подоцна.

Како најверојатна причина се посочува спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови. Комисијата препорачува дополнителна дијагностика за конечно утврдување на причината, како и продолжување на рехабилитацијата.

Од Министерството за здравство информираат дека остануваат во контакт со пациентката и нејзиното семејство и ќе продолжат да ја поддржуваат во лекувањето и рехабилитацијата.