ДЗР

Ревизијата откри низа слабости во ДПИ

24.09.2026 17:36

Бројни системски слабости во Државниот пазарен инспекторат во 2024 година утврди Државниот завод за ревизија. Актуелното раководство вели дека дел од забелешките веќе се отстранети...

Само 148 инспектори во текот на една година спровеле повеќе од 28 илјади инспекциски надзори. Ревизијата на Државниот пазарен инспекторат открива низа слабости – од недостиг на кадар и непополнети раководни места, до нецелосна дигитализација, проблеми со евиденцијата и чувањето на одземени предмети.

Ревизорите предупредуваат дека недостигот на инспектори го ограничува капацитетот на ДПИ да ги реализира планираните контроли и законските надлежности. Пет одделенија работеле без раководител.

„Недоволниот број инспектори, како и тенденцијата за нивно намалување, директно влијаат врз способноста на ДПИ да ги реализира планираните контроли и законските надлежности. Пет одделенија во текот на периодот на ревизијата функционирале без раководители“, стои во соопштението од ДЗР.

Како проблематично се наведува Одделението за безбедност на производи. Од 14 предвидени места, пополнети биле само пет. Проблем има и со одземените предмети – ДПИ нема сопствени простории за нивно чување. А во материјалната евиденција не биле внесени набавки вредни околу 2,15 милиони денари.

Ревизорите утврдиле слабости и во дигитализацијата. Недостасува и единствена електронска база со методологија за проценка на ризик, оттука ревизорите препорачуваат зајакнување на кадарот, електронски регистри и подобрување на финансиското работење.

 

Александра Велинова