Пожар на Краста, жители на околните села бараат реакција
Жители на неколкуте села кои живеат во близина на кумановска депонија бараат итна реакција и справување со проблемот со депонијата, која гори веќе два дена. Се обратиле до надлежните, но решение сè уште нема. Посочуваат депонијата гори шест месеци, вдишуваат токсичен чад. Надлежните велат се преземаат мерки.

„Шест месеци дишеме токсичен чад, помош бараме, но реакција нема, истакнаа мештани на неколку села кои живеат во близина на кумановската депонија, која повторно е зафатена со пожар. Средбите со надлежните од општината, велат не дале резултати. Ветеното не било исполнето. Помош побарале и од Владата, која ги упатила во Министерството за животна средина. Оттаму само констатација депонијата чади.
„Сите ја префрлаат топката, ние го дишиме овој токсичен чад, апелираме на повисоко ниво, да ни се реши овој проблем, ние сме земјоделско село“, нагласи Александар Илиевски, претседател м.з. Пчиња, кумановско.
„Некој да врши геноцид врз толкав број на села, десетина села, со приближно 7.000 - 8.000 жители, ова е надвор од умот“, истакна Раде Спасовски, мештанин Горно Коњари, скопско.
Од комуналното претпријатие укажуваат работиме со скромни ресурси. Очекуваат решение да се изнајде на состанок со сите надлежните институции.
„Помош ни треба во опрема, голема површина е на депонијата во ноќни часови владее потполн мрак, не се приоѓа до некои места, ветерот прави дополнителни проблеми“, посочи Сашо Томиќ, директор на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.
Крста за три години би требало да стане претоварна станица, доколку почне да функционира регионалната депонија во Свети Николе.
Елена Георгиевска
