СДСМ против новиот просторен план, ВМРО-ДПМНЕ со критики кон Филипче
СДСМ не го поддржува и ќе го блокира носењето на новиот просторен план во кој е предвидено отворање нови рудници, вели пратеникот и претседател на СДСМ, Филипче. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче е против напорите на владата да ја развие државата, да ја развие економијата и против граѓаните да живеат подобро.

Претседателот на СДСМ, Филипче предупреди дека со новиот просторен план власта предвидува отворање пет нови рудници со што земјата, како што вели се распродава на странски инвеститори, а е на штета на здравјето на граѓаните. Побара повлекување на планот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека Филипче пак се јавува со, небаре, патриотска флоскула, која добро звучи, но би имала значење, ако не е кажана од оние кои Македонија ја распродаваа за личен профит.
„Венко Филипче заедно со неговиот ментор Зоран Заев се тие коишто тргуваа со националните интереси, идентитетот, историјата, јазикот, го сменија името, ја ограбија државата, ги осиромашија граѓаните. Сега, како тоа да не им беше доволно, се противат на напорите на владата да ја развие државата, да ја развие економијата и против граѓаните да живеат подобро“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Власта и опозиција постојано се судираат со различни аргументи на теми кои се однесуваат на правецот по кој ќе се движи идниот економски и технолошки развој на земјава.
Игор Панов
