Премиерот Груевски ја започна официјалната посета на Чешка

02.10.2014 10:12

Премиерот Никола Груевски е во Чешка. Има тет- а- тет средба со претседателот на владата Бохуслав Соботка. Разговори за полтичките односи меѓу двете земји, економските релации и можноста за зголемни инвестиции на чешки компании во земјава...

На покана на неговиот чешки колега Бохуслав Соботка, премиерот Никола Груевски,  денеска престојува во официјална посета на Чешката Република. Груевски претпаднево во беше пречекан со највисоки државни и воени почести, а во моментов во тек е тет-а-тет средбата на двајцата премиери, по што се предвидени разговори на двете делегации.

Главна тема на разговор се политичките односи меѓу Македонија и Чешка, како и економските релации и можностите за зголемување на застапеноста на чешките компании на македонскиот пазар. На средбата ќе стане збор и за европската и евроатлантската интеграција на Македонија, како и за можностите за унапредување на соработката во областа на образованието, културата и здравството.

Двајцата премиери ќе потпишат и Меморандум за разбирање, а заедно ќе го отворат Бизнис форумот за трговски и инвестициски можности на чешките компании во Македонија.

Во рамки на официјалната посета во Прага, премиерот Груевски ќе има средба и со претседателот на Чешка, Милош Земан.

Предвидена е и посета на универзитетската болница Мотол и потпишување меморандум за разбирање.

Во делегацијата предводена од македонскиот премиер се и министерот за надворешни работи Никола Попоски, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции Климент Шекеровски.

Вкупната трговска размена на Македонија со Чешка бележи континуиран раст, и во првата половина од 2014-та година изнесува 77,6 милиони долари. Најважни извозни артикли на Македонија во Чешката Република се автомобилските делови и виното.