Шлепери со цигари влегувале преку „Богородица“, а излегувале празни – 13 приведени во „Филтер 2“
Тринаесет лица се приведени во операцијата „Филтер 2“ поради сомнение за шверц на големи количества цигари. Според Царинската управа, шлепери натоварени со цигари влегувале во земјава во транзит, но товарот бил нелегално истоваран, додека во четири случаи влезот на шлеперите воопшто не бил евидентиран…

Тринаесет шпедитери, транспортери, извозници, превозници, полицајци и цариници се приведени во операцијата „Филтер 2“ осомничени за шверц на големи количества цигари. Камиони шлепери влегувале на преминот „Богородица“, а излегувале празни.
„Во три од вкупно седум откриени случаи откриено е дека шлепери натоварени со цигари влегувале во Македонија преку граничен премин Богородица во транзитна постапка, од кои два биле со крајна дестинација Молдавија, а еден во Србија, и притоа наместо транзитот да биде реализиран согласно царинските прописи, цигарите биле нелегално истоварени на територија на Република Македонија. Во рамки на истата истрага, откриени се и четири случаи во кои шлепери натоварени со цигари влегле преку Богородица, но нивото влегување во државата не било евидентирано ниту од страна на царинските, ниту од страна на полициските службеници“, изјави Бобан Николовски – директор на Царинска управа.
Осомничените за шверцувањето на големи количества цигари избегнувале плаќање давачки во износ над 6 милиони евра.
„Акцијата е резултат на криминалистичка истрага поради постоење основано сомневање за сторени повеќе кривични дела, меѓу кои шверцување и царинска измама при што е предизвикана штета на државниот буџет од големи размери“, изјави Гоце Андреевски-портпарол на МВР.
Акцијата „Филтер 2“ била спроведена една година во соработка и со царинските служби на Грција и на Србија.
Ирина Гелевска
