Здравство

Нема лекарска грешка за случајот со парализираната родилка од Струмица, утврдила Стручната комисија

24.09.2026 18:15

Не е утврдена лекарска грешка при породувањето на 19-годишната пациентка од Струмичко, утврдиле медицински експерти од земјава и од соседството кои беа дел од стручната комисија. Заклучокот бил едногласен дека невролошката состојба на Михајлова не е последица на спиналната анестезија, ниту на пропуст во лекувањето

Нема лекарска грешка, ниту поврзаност со спиналната анестезија – ова е заклучокот на стручната комисија од петтемина домашни и странски доктори која го проверуваше случајот со 19 – годишната родилка од Струмица, која по породување со царски рез остана неподвижна.

Лекарите објаснуваат дека спиналната анестезија е применета во долниот дел од ’рбетот, додека промената на ’рбетниот мозок се наоѓа значително повисоко. Родилката од штипската болница била испишана без невролошки симптоми, кои се појавиле неколку дена подоцна. Како најверојатна причина комисијата го посочува спонтано крвавење од ретка малформација на крвните садови.

„Постои сомневање за нарушено оформување на крвни садови коишто прокрвареле, во случајов инцидентно, сосема неповрзано со актот на анестезијата и царскиот рез“, вели д-р Миќун Миќуновиќ, неврохирург, ЈЗУ Специјална болница „Св. Еразмо“ – Охрид.

„Оперативниот зафат е регуларно направен без проблеми во текот на операцијата. Се испишува во добра општа состојба, се испишува вертикализирана, без никаква жалба од нејзина страна за невролошки проблеми“, изјави д-р Игор Самарџиски, гинеколог-акушер, ЈЗУ „Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство“.

Комисијата препорача дополнителна дијагностика, за да се утврди причината за невролошката состојба. По 30-дневен престој на Клиниката за рехабилитација Козле, родилката закрепнува.

„Нејзината состојба се подобрува и има вертикализација со помош на лонгитут, значи може да стане на нозе. Комисијата препорачува, кога состојбата на пациентката ќе дозволи да се заврши со дијагностиката за конечно утврдување на причината, како и да продолжи рехабилитација со редовно невролошко следење“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

Случајот во јавноста го отвори семејството на родилката кое тврдеше дека компликациите започнале веднаш по породувањето со царски рез, извршено на 26-ти јуни во штипската болница.

Андријана Ѓурческа