Разбиен организиран синџир за шверц на цигари
Камиони со цигари влегувале преку „Богородица“, ги празнеле во Македонија, и со лажни царински пријави како полни излегувале преку „Табановце“. Разбиен е организиран синџир за шверц на цигари. Поднесени се кривични пријави против 18 физички и три правни лица. Веќе се приведени 13 – шпедитери, превозници, полицајци и цариници. Буџетот покус за над 6 милиони евра.

Царински и полициски службеници овозможиле 7 пати преку граница да се шверцуваат цигари, открила заедничката акција на Царинската управа, Обвинителството и полицијата. Во операцијата „Филтер 2“ приведени се 13 лица, а извршени се претреси на 23 локации низ државата. Кривични пријави се поднесени против вкупно 18 физички и неколку правни лица – шпедиција, транспортни и увозни компании – надлежните очекуваат истрагата да се прошири на повеќе лица.
Со шверцот на околу 70 милиони парчиња цигари, државата била оштетена за над 6 милиони евра.
„Акцијата е резултат на криминалистичка истрага поради постоење основано сомневање за сторени повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење и царинска измама при што е предизвикана штета на државниот буџет од големи размери.“, изјави Гоце Андреевски-портпарол на МВР.
Акцијата „Филтер 2“ била спроведена една година во соработка и со царинските служби на Грција и на Србија.
Наташа Јанчиќ -Менковски
