Извршниот директор на „Нвидија“, Хуанг: Веројатноста вештачката интелигенција да го уништи светот до 2030 година е нула проценти

25.09.2026 07:34

Коосновачот и извршен директор на „Нвидија“, Џенсен Хуанг, категорично ги отфрли сценаријата според кои вештачката интелигенција во наредните години би можела да доведе до крај на човештвото.

Хуанг ги оцени предупредувањата за исчезнување на човештвото како неодговорни и ги опиша како ширење катастрофични сценарија.

„2030 година нема да биде крајот на светот. Веројатноста да дојде крајот на светот е нула проценти. Непотребно и неодговорно е да се плашат луѓето“, изјавиза телевизијата Си-Би-Ес Њуз, Хуанг.

Изјавите на Хуанг следуваа како одговор на тврдењата на поранешниот истражувач на „Антропик“, Џејкоб Коксон, објавени на социјалните мрежи. Коксон тврдеше дека вештачката интелигенција би можела да достигне натчовечко ниво и во текот на оваа деценија да доведе до исчезнување на човештвото.

Овие ставови, кои ги поддржаа уште двајца истражувачи од „Антропик“, компанијата што стои зад моделот „Клод“, поттикнаа меѓународна дебата за ризиците од вештачката интелигенција и недостигот од соодветен надзор.

Американски законодавци ги критикуваа компаниите за вештачка интелигенција поради ризиците поврзани со технологијата. Компанијата „Антропик“, исто така, објави извештај за заканите, во кој се објаснува како криминалци, групи поддржани од држави, компании за шпионски софтвер и пропагандисти се обидуваат да ги користат моќните модели на вештачка интелигенција.

Според извештајот, биле забележани обиди моделите на вештачка интелигенција да се користат за цели како што се дизајнирање проектили и бомби, создавање смртоносни патогени и следење на политички неистомисленици.

Извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, раководителот на „ОпенАИ“, Сем Алтман, и Илон Маск се залагаа за забавување на развојот на технологијата.

Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, ги отфрли загриженостите во врска со развојот на вештачката интелигенција, оценувајќи ги како заговор. Трамп изјави дека забавувањето на процесот би можело да ѝ даде предност на Кина.

Американскиот секретар за финансии Скот Бесент соопшти дека Вашингтон и Пекинг се согласиле да воспостават механизам за дијалог во областа на вештачката интелигенција.

Преку овој механизам се предвидува двете страни меѓусебно да се информираат со цел да се намалат можните ризици.