„Мета“ ги претстави новите уреди со агентот за вештачка интелигенција „Мјуз“

25.09.2026 07:41

„Мета“ ги претстави новите уреди и агенти со вештачка интелигенција за кои компанијата верува дека ќе станат дел од секојдневниот живот, во време кога расте загриженоста поради брзиот развој на вештачката интелигенција.

Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, и други раководители на компанијата, на настанот „Мета Конект“ одржан во средата, ги претставија новите производи, како и агентот за вештачка интелигенција „Мјуз“, интегриран во софтверските решенија на компанијата.

Меѓу претставените производи се лесни очила за виртуелна реалност, очила „Реј-Бан“ без камера и мал уред со големина на приврзок за клучеви, наменет за комуникација со помошникот со вештачка интелигенција на „Мета“.

Технолошките гиганти се во трка за развој на нови уреди со интегрирана вештачка интелигенција, кои го менуваат начинот на користење на интернетот и секојдневниот живот.

Истовремено, кај потрошувачите расте загриженоста за вештачката интелигенција по случаите во кои, за време на тестирањата, агенти со вештачка интелигенција без дозвола пристапувале до системи на други компании.

Дополнително, очилата со вештачка интелигенција на „Мета“, кои првпат беа пуштени во продажба во 2023 година, беа критикувани поради можноста корисниците да снимаат други лица без нивна согласност.

И покрај тоа, „Мета“ останува оптимист во однос на развојот на вештачката интелигенција. Закерберг на настанот изјави: „Луѓето во индустријата имаат различни ставови за тоа како ќе изгледа иднината. Но, ние во ‘Мета’ сме оптимисти затоа што веруваме во луѓето.“

„Мета“ претстави визија според која „Мјуз“ ќе биде во центарот на сите уреди што ги користат луѓето, без разлика дали станува збор за телефон, компјутер или очила.

Услугите што функционираат со „Мјуз“ се проширени со можност за помош при купување преку „Волмарт“, „Гејмстоп“, „Гап“ и „Вејфер“. Корисниците ќе можат да побараат од агентот со вештачка интелигенција да ги пребарува понудите и да купува во овие продавници.

Соработката со „Волмарт“ привлекува особено внимание, имајќи предвид дека конкурентот „Амазон“ го блокирал „Мјуз“ да ја пребарува неговата онлајн-продавница.

Покрај постојните можности за управување со датотеки, пораки и календар, „Мјуз“ наскоро ќе може во име на корисникот да управува и со апликациите на компјутерите „Мек“.

Главниот директор за вештачка интелигенција на „Мета“, Александер Ванг, на настанот изјави: „Можете да го користите за да ви помогне во водењето на вашиот мал бизнис или едноставно да ги извршува обврските наместо вас. Дури и кога ќе станете од компјутерот, тој ќе продолжи да работи за вас на сите задачи што сте ги поставиле“.

Се наведува дека овој чекор би можел да ѝ помогне на „Мета“ полесно да им конкурира на други агенти со вештачка интелигенција, како „ОпенКлоу“, „Кодекс“ на „ОпенАИ“ и „Клод“ на „Антропик“.

„Мета“ ги претстави и своите нови очила со интегриран „Мјуз“, за кои компанијата наведува дека можат да функционираат и како компјутер и како уред за забава.

За разлика од постојните очила на „Мета“, новиот уред не е дизајниран како обични очила што се носат во текот на целиот ден. Уредот прикажува виртуелни екрани и е наменет за конкретни активности, како гледање филмови, играње видеоигри или остварување видеоповици.

Корисниците ќе можат преку говор да му задаваат задачи на „Мјуз“, како пишување и испраќање електронска пошта, уредување документи или закажување состаноци. „Самсунг“ примени сличен пристап со интегрирањето на помошникот „Џемини“ на „Гугл“ во уредот „Галакси Икс-Ар“.

„Мета“ тврди дека уредот ќе се разликува од конкурентските производи по лесниот дизајн и пониската цена. Очилата за виртуелна реалност на „Мета“ ќе бидат пуштени во продажба напролет по цена од 1.299 долари.

„Мета“ продолжува со својата стратегија за паметни очила и покрај загриженоста за приватноста поради можноста уредите тајно да снимаат луѓе.

Компанијата претстави нов модел очила „Реј-Бан“ без камера, кои снимаат само звук за поставување прашања и пребарување, како и обновена верзија на очилата „Реј-Бан“ со камера.

Реакциите поради очилата со вештачка интелигенција на „Мета“ се зголемија во последните месеци. Голем број институции воведоа забрани или ограничувања за нивното користење, меѓу кои судници во Њујорк, јавни базени во Австралија и барови во Лондон.

„Мета“ соопшти дека новите очила што користат само звук се полесни од моделите со камера и имаат подолго траење на батеријата. Производот ќе биде пуштен во продажба на 13 октомври по цена од 349 долари, додека моделот со камера „Реј-Бан Мета Ген 3“ веќе е достапен по почетна цена од 449 долари.

„Мета“, исто така, работи на нов уред наречен „Мјуз Чарм“, наменет за корисниците кои не сакаат да носат очила. Преку овој мал уред со големина на приврзок за клучеви, корисниците ќе можат да разговараат со „Мјуз“ без да мора да го отклучуваат телефонот, да ставаат очила или да отвораат апликација. Планирано е уредот да биде пуштен во продажба пред почетокот на новогодишната сезона на купување.

Според компанијата за истражување на пазарот „Сензор Тауер“, „Мјуз“ од неговото лансирање досега е преземен повеќе од 2,5 милиони пати.

Закерберг изјави дека очекува во следните години „Мјуз“ да го користат милијарди луѓе.