Втора сесија на комитетот ЕУ-Северна Македонија, во фокус на реформите и проширувањето
Во Собранието денеска ќе се одржи втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија. Состанокот на Комитетот беше отворен вчера, со ко-претседавање на пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер.

Во Собранието денеска ќе се одржи втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.
Состанокот на Комитетот беше отворен вчера, со ко-претседавање на пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер.
Василевска изрази благодарност до европратениците за, како што рече, континуираната и недвосмислена поддршка на процесот на проширување на Европската Унија. Таа посочи дека Европскиот парламент позитивно ги оценува реформските чекори, стабилноста на меѓуетничките односи и високото ниво на усогласеност на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Според Василевска, Северна Македонија како земја-кандидат има обврска доследно да ги спроведува потребните реформи и да ги усогласува политиките со европските стандарди и вредности, особено во областите на енергетиката, транспортот, трговијата, одбраната и безбедноста. Истакна дека кредибилитетот на пристапниот процес се темели на заемна доверба и исполнување на обврските од двете страни, додавајќи дека напредокот на земјите кандидати треба соодветно да биде препознаен и вреднуван. Според неа, проширувањето треба да остане предвидлив и конзистентен процес заснован на заслуги.
Европратеникот Карло Реслер порача дека Северна Македонија несомнено припаѓа во европското семејство, но истовремено посочи дека процесот на евроинтеграции за земјата е долг и фрустрирачки. Тој нагласи дека Европскиот парламент сака да биде „рамо до рамо“ со граѓаните и Собранието на патот кон ЕУ.
На вчерашната седница пратениците го усвоија и записникот од 24. состанок на Мешовитиот комитет, одржан на 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур.
