Привршуваат подготовките за 11-от Фестивал на виното и питата во Велес
Во градот каде во 1869 година за прв пат е подготвена питата пастрмајлија привршуваат подготовките за годинешниот 11-ти по ред Фестивал на виното и питата „Велешка пастрмајлијада“. Бројот на угостители и винарии кои ќе бидат дел од манифестацијата досега е за 30 проценти поголем од минатогодишниот...

Триесетина угостители и винари засега се сигурни учесници на 11-от Фестивал на виното и питата. Манифестацијата покрај промоцијата на питата пастрмајлија како бренд на Велес има за цел да помогне во промоција на Општината како добро место за инвестирање но и град во кој и денес се негува традицијата на подготовка на старите, традиционални македонски јадења.
„Учесниците од регионот се винарии од општините од Вардарскиот плански регион, бројката на учесници сеуште е отворена и подготвени сме да обезбедиме штанд за секој учесник“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
Организаторите годинава очекуваат поголема посетеност на Питијадата. Промотивен материјал со покана за посета на Велес во деновите 10, 11, 12 октомври ќе се дели на сите патарини во Македонија.
„Туристички агенции од неколку градови во Македонија организираат превоз, преговараме со Македонски железници, така да очекуваме дека ако и времето не послужи, многу поголем број на гости“, рече Чадиев.
Покрај вкусната пита и доброто вино, гостите, сите три вечери, ќе имаат можност да уживаат во богатата музичка програма. Хуманиот аспект на Фестивалкот и годинава пак нема да изостане. Средствата кои ќе се соберат од продажбата на најголемата пита пастрмајлија во Македонија ќе завршат во хуманитарни цели.
Минатогодишниот, Фестивал на виното и питата, организаторите го прогласија како рекорден, со продадени 35 илјади пити и 17 тони вино.
Дијана Иванова
