Македонија

Европска ноќ на истражувачите денеска во Скопје

25.09.2026 09:36

Скопје денеска е дел од Европската ноќ на истражувачите, иницијатива која ја приближува науката и истражувачката работа до јавноста. Во рамки на проектот „Избери наука!“, посетителите ќе можат да учествуваат на интерактивни работилници, научни демонстрации, презентации и панел-дискусии, но и да посетат лаборатории и да разговараат со истражувачи. Активности ќе има и во Битола, Штип и Охрид, а програмата е бесплатна и отворена за сите возрасни групи.

Скопје денеска ќе биде дел од Европската ноќ на истражувачите, европска иницијатива посветена на приближување на науката и истражувачката работа до јавноста преку директна комуникација со научниците и интерактивни активности.

Активностите се реализираат во рамки на проектот CHOOSE SCIENCE – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, координиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Покрај Скопје, активности денеска ќе има и во Битола, Штип и Охрид.

Во Скопје посетителите ќе можат да учествуваат на работилници, научни демонстрации, презентации, изложби и панел-дискусии, да посетат лаборатории и да разговараат со истражувачи на повеќе факултети на УКИМ.

Машинскиот факултет ќе ги отвори лабораториите и ќе презентира активности од областа на роботиката, автоматизацијата, моторните возила, инженерските материјали и други инженерски дисциплини. Предвидена е и изложбата на студентски проекти „Project Hub“.

ФЕИТ ќе организира работилници за обновливи извори на енергија, Power-to-X технологии, машинско учење и компјутерски архитектури, додека на ФИНКИ ќе се одржи панел-дискусија за дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста.

ПМФ ќе понуди посети на Ботаничката градина, Лабораторијата за креативна математика и Сеизмолошката опсерваторија, како и презентации од областа на геопросторните технологии. Економскиот факултет ќе организира интерактивна работилница за бизнис аналитика и улогата на податоците во разбирањето на деловните трендови.

Организаторите очекуваат настанот, особено кај учениците и младите, да го поттикне интересот за науката, истражувањето и иновациите. Сите активности се бесплатни и отворени за јавноста, а целокупната програма и информациите за термините и локациите се достапни на веб-страницата на проектот.

 

 

 

 

Фото:/ Europehouse.mk