Филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ на свеченото затворање на „Браќа Манаки“
Со доделувањето на наградите Камера 300 во сите селекции вечерва свечено ќе биде затворено 47. ИФФК „Браќа Манаки“, а дебитантското остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ ќе ја има својата македонска премиера на затворањето на фестивалот вечерва во Битола...

Со доделувањето на наградите Камера 300 во сите селекции вечерва свечено ќе биде затворено 47. ИФФК „Браќа Манаки“, а дебитантското остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ ќе ја има својата македонска премиера на затворањето на фестивалот вечерва во Битола.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени.
Сместен во корумпиран режим каде што се појавува компромитирачко видео за автократ, филмот следи двајца новинари во движење – бркани од сенките и од времето. Приказната се одвива без ред, при што времето се искривува повеќе од притисок отколку од стил-каде што вистината е морално двосмислена, а правдата е главно прашање на тајминг. Во свет, во кој, секој има тајни за криење, поседувањето на туѓата тајна претставува нова валута, со која, може да се тргува и обезбеди нечија пропаст. Меѓутоа, во играта со оган, ретко кој останува неизгорен.
Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.
Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Мартин Иванов, композитор и автор на музиката е Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимограф Лидија Георгиева, дизајнер на филмска шминка Снежана Ангеловска Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.
