„Падот на Масада“ со три награди на фестивалот „Стоби 2026“
Наградата за најдобра режија му припадна на Дејан Пројковски, додека признанијата за најдобра главна женска и машка улога ги добија актерите Јелена Жугиќ и Александар Степанулески за настапите во претставата „Падот на Масада“.

Со три награди, меѓу кои за најдобра режија и главни актерски улоги, претставата „Падот на Масада“ на Драмски театар Скопје беше наградена на 23. издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“, што од 15 до 24 септември се одржа во Велес.
Наградата за најдобра режија му припадна на Дејан Пројковски, додека признанијата за најдобра главна женска и машка улога ги добија актерите Јелена Жугиќ и Александар Степанулески за настапите во претставата „Падот на Масада“.
Во образложението на жирито се истакнуваат актерската зрелост и сценската харизма на Жугиќ, како и способноста на Степанулески за повеќекратни трансформации низ различни ликови и историски епохи.
За режијата на Пројковски, жирито оценило дека преку колажната драматуршка структура, сценските решенија и активното вклучување на техничката екипа и публиката, е создадена хомогена и динамична театарска целина.
Гран при за најдобра претстава ѝ припадна на „Лисистрата“ во изведба на Народно позориште „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија, во режија на Никола Завишиќ.
По доделувањето на наградите, фестивалот беше затворен со изведбата на „Сите прекрасни нешта“ во продукција на Народниот театар Штип.
