Македонската продукција на „Ивона, принцезата од Бургундија“ поканета на Меѓународниот фестивал „Гомбрович“ во Полска
По успешната премиера во Театар Комедија, македонската продукција на „Ивона, принцезата од Бургундија“ од Витолд Гомбрович е официјално поканета да учествува на Меѓународниот фестивал „Гомбрович“ во Радом, Полска. Претставата ќе биде изведена на 11 октомври 2026 година, како дел од еден од водечките меѓународни фестивали посветени на животот и творештвото на Витолд Гомбрович.

Претставата премиерно беше изведена на 28 ноември 2025 година, а со неа едно од најзначајните дела на европскиот театар од XX век добива ново, современо толкување пред македонската публика. Претставата е во режија на Билјана Радиноска и Александар Ивановски, со нов превод на македонски јазик на Филип Димевски.
Преку современ сценски пристап, продукцијата ги отвора темите на конформизмот, исклучувањето, моќта, идентитетот и општественото насилство - теми што и денес остануваат исклучително релевантни.
Авторскиот тим го сочинуваат драматургот Благица Секулоска, костимографката Ивана Каранфиловска Угуровска, сценографот Војдан Запров, продуцентката Татјана Дешко, композиторот Оливер Јосифовски, дизајнерот на светло Милчо Александров и техничкиот директор Никола Николовски.
Во претставата настапуваат Елена Кузманов, Сергеј Димоски, Кристина Христова Николова, Мирјана Поповска Ристов, Кристина Ласовска, Ева Скендеровска, Виктор Арсов, Роберт Ристов, Илија Илиоски и Александар Велјановски.
Во центарот на драмата е Ивона – лик чие одбивање да се вклопи во наметнатите општествени норми го нарушува воспоставениот ред. Преку нејзиното молчење и присуство, Гомбрович ги разоткрива предрасудите, лицемерието и механизмите преку кои општеството ги исклучува оние што не се вклопуваат во неговите очекувања.
Како што забележува познатиот театарски критичар Јан Кот во својот влијателен есеј од 1957 година, молчаливото присуство на Ивона ги принудува луѓето околу неа да се соочат со самите себе и со кревките општествени правила врз кои се темели нивниот свет.
Поканата за настап на Меѓународниот фестивал „Гомбрович“ претставува значајно меѓународно признание за Театар Комедија и неговиот уметнички тим. Воедно, таа отвора уште една можност за продлабочување на културната соработка и размената меѓу Северна Македонија и Полска.
Меѓународниот фестивал „Гомбрович“ во Радом собира театарски уметници и продукции од различни земји и претставува значајна платформа за современи сценски интерпретации на делата на еден од најзначајните полски писатели и драматурзи на XX век.
Продукцијата е реализирана со финансиска поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје и Институтот „Адам Мицкевич“, во рамките на Годишната културна програма за 2025 година. Поддршката ја истакнува важноста на меѓународната културна соработка и промоцијата на полската литература и театар надвор од Полска.
