евроинтеграции

Софија: Отворени сме за дијалог за Македонија

25.09.2026 17:16

Пристапниот процес е европско прашање, кое треба да се разгледува во рамки на европските институции, во согласност со утврдените правила и процедури – Софија ја прифаќа фрлената ракавица од Македонија, Брисел да биде вклучен во разговорите со Македонија за деблокада на нашиот европски пат. Но, Бугарија и натаму инсистира на исполнување на преземените обврски.

Официјална Софија не се противи на барањето, европски претставници да седнат на преговарачката маса кога ќе се дискутира за деблокада на македонските евроинтеграции. Од бугарското МНР велат: отворени се за дијалог, но сметаат дека добрососедските односи се услов за доверба и неопходни за членство во Унијата. Сепак, не ги кријат очекувањата дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски.

„Процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон Европската унија е европско прашање, кое треба да се разгледува во рамките на европските институции и во согласност со утврдените правила и процедури. Бугарија ја поддржува работата на Европската комисија со секоја од земјите што преговараат за членство, оценувајќи ги постигнатите резултати во рамките на Европскиот совет“, соопштија од Министерство за надворешни работи на Бугарија.

Барањето за трето столче на масата го артикулираше шефот на дипломатијата Муцунски. Бара во идните разговори со Бугарија да се вклучат поединечни земји – членки или европски институции за да помогнат во градењето на довербата, бидејќи како што оцени министерот, во моментов постои „фундаментален недостаток на доверба“ меѓу двете соседни земји.

Македонската дипломатија е во исчекување и на исходот од француско – германскиот нон-пејпер кој може да биде клучна пресвртница во евроинтегративниот процес. Со документот се предлага постепена интеграција на земјите кандидатки и пристап до европските програми, пазар и институции, но со исполнување на реформските услови.

Анита Димитријевска Велковска