Народната банка и Хрватската народна банка разменуваат искуства за супервизијата над платежните услуги
Во Народната банка се одржа четиридневна работилница со експерти од Хрватската народна банка, посветена на супервизијата над давателите на платежни услуги и издавачите на електронски пари. Во фокусот беа практичната примена на европската регулаторна рамка, заштитата на корисниците и актуелните регулаторни и супервизорски прашања.

Од 21 до 24 септември во Народната банка се одржа работилница во рамки на билатералната мерка „Payment Services Supervision“, во соработка со Хрватската народна банка, како дел од Програмата за зајакнување на капацитетите на централните банки во Западен Балкан.
Експерти од Хрватската народна банка и претставници на Народната банка размениле искуства и практики за супервизијата над давателите на платежни услуги и издавачите на електронски пари.
На работилницата биле опфатени теренската и вонтеренската супервизија, засилената автентикација на корисниците, заштитата на нивните средства, информирањето на корисниците на платежни услуги, како и актуелните регулаторни и супервизорски прашања.
Од Народната банка посочуваат дека размената на конкретни практични примери и искуства ќе придонесе за понатамошно унапредување на супервизорските практики, особено во услови на брз развој на платежниот сектор и воведување нови платежни услуги и деловни модели.
Соработката со Хрватската народна банка ќе продолжи и во наредниот период, со дополнителни активности за размена на искуства и практични знаења и зајакнување на капацитетите во областа на супервизијата над платежните услуги.
