Блиски Исток

Иран му предложи на Вашингтон план од седум дена за повторно отворање на Ормуската Теснина

25.09.2026 17:00

Техеран и Вашингтон бараат излез од застојот во преговорите во Њујорк. Иран нуди седумдневен план за повторно отворање на Ормускиот теснец и продолжување на нуклеарните разговори, доколку Вашингтон ги прифати неговите услови. Одлуката е во рацете на САД – порача иранскиот претседател.

Техеран и Вашингтон бараат излез од застојот во преговорите во Њујорк. Иран нуди седумдневен план за повторно отворање на Ормускиот теснец и продолжување на нуклеарните разговори, доколку Вашингтон ги прифати неговите услови. Одлуката е во рацете на САД – порача иранскиот претседател.

„Ние воопшто не сакаме да се бориме, но решително ќе се браниме. Никогаш не баравме и не сакаме војна. Америка е таа што мора да избере дали сака да ја заврши или не“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

Москва и Техеран, пак, согласни дека дипломатското решение е единствениот излез од кризата. По средбата во Њујорк, руското МНР соопшти дека Лавров и Арагчи ја отфрлиле можноста за друго решение и ги обвинија САД и Израел за „нелегални дејствија“. Од говорницата пред ОН, пак, Нетанјаху порача дека иранскиот режим ќе падне и народот ќе биде слободен.

„Еден ден, а можеби не е далеку, иранскиот народ ќе биде слободен. Нивниот режим ќе биде соборен од неговите лаги, од неговата корупција и од неговата суровост“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Нетанјаху ги бранеше израелските воени операции во регионот и ги отфрли обвинувањата за геноцид во Газа. Десетици делегати во знак на протест ја напуштија салата.

„Во Газа напредокот на терен е премногу ограничен. Нападите продолжуваат, хуманитарните потреби остануваат огромни, а на Западниот Брег продолжуваат насилството и проширувањето на населбите, со што се поткопува одржливоста на решението со две држави“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика.

Дополнителен ризик доаѓа од Јемен. Хутите тврдат дека со ракети и дронови ја нападнале саудиската провинција Џизан.

„Операцијата ги таргетираше командните, контролните и оперативните центри, складиштата за оружје и други клучни локации во областа Ал-Тувал во Џизан“, изјави Јахја Сари, портпарол на војската на Хутите.

По нападот, Саудиска Арабија, Турција и Пакистан на итни разговори. Техеран тврди дека Хутите дејствуваат самостојно и не добиваат инструкции од Иран. Јемен бара помош.

„Заштитата на овој стратешки премин е споделена регионална и меѓународна одговорност што не може да ја носи само Јемен. Тоа е одговорност на секоја економија што се потпира на безбедноста на синџирите за снабдување, енергијата и слободата на навигација“, истакна Абдула Ал Алими-Баузер, потпретседател на Претседателскиот совет за лидерство на Јемен.

Неизвесноста на пазарите, особено околу енергетските коридори и снабдувањето со нафта, ги зголемува притисоците врз цените и отвора нови ризици за глобалната економија.

Бојана Крстевски