Вајц: Суровините се потребни, но важен е балансот
Суровини се потребни, но не треба да се губи повеќе отколку што се добива. Современите начини на рударство се поеколошки, но и поскапи. Ова е пораката што од втората сесија на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија ја испрати известителот за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц.

Македонија е една од најубавите земји коишто ги имам посетено, истакна известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во обраќањето пред мешовитиот парламентарен комитет. Но, Вајц испрати и порака за рудниците. Предупреди дека и покрај потребата за суровини, земјава треба да направи прецизни пресметки, за да не се случи да губи повеќе отколку што добива.
Македонија е посветена во претворањето на европските стандарди за животната средина во конкретни политики и резултати, од коишто придобивки ќе имаат сите граѓани, беше истакнато на сесијата.
Енергетската безбедност не се постигнува само со документи, туку со инфраструктура и затоа напредокот на Коридорот 8 меѓу Македонија и Бугарија е особено значаен, но мора да се забрза, смета европратеникот од Бугарија, Кристиан Вигенин.
Инфраструктурните објекти немаат вредност ако завршуваат до границата, наместо да продолжуваат кон соседните земји, беше истакнато на сесијата.
Македонија изразува особена благодарност до европскиот парламент за континуираната поддршка во процесот на проширување, беше порачано од 25-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет.
Марија Котовска
