Македонија

Серафимовски: Новиот закон ќе им донесе поголема сигурност на земјоделците при пласманот

25.09.2026 18:25

Со новиот Предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи се предвидуваат појасни правила за производителите, откупувачите и преработувачите, како и поголема транспарентност при откупот. Министерот за земјоделство Борче Серафимовски вели дека целта е земјоделците да имаат поголема сигурност при пласманот и навремени информации за состојбите на пазарот.

Поголема сигурност за земјоделците при пласманот на производите и појасна распределба на одговорностите меѓу производителите, откупувачите и преработувачите предвидува новиот Предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи. Законското решение беше претставено на јавна расправа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот Борче Серафимовски посочи дека со законот се обединуваат повеќе области – организираниот откуп и договорните односи, пазарните информации, интервентните мерки при сериозни нарушувања, организирањето на производителите, училишните шеми, промоцијата на македонските производи и пазарните стандарди.

Предлогот не предвидува административно утврдување на откупните цени, туку правила за поголема транспарентност и механизми за навремено институционално дејствување.

Според предложените правила, писмениот договор меѓу производителот и откупувачот ќе се склучува пред испораката и ќе ги содржи количината, квалитетот, цената или начинот на нејзино пресметување, рокот за плаќање и поврзаните трошоци.

Со електронската евиденција и јавно достапните податоци за регистрираните откупувачи треба да се зајакнат следливоста и контролата во организираниот откуп. Предвидено е и воспоставување земјоделски пазарен информативен систем и национална опсерваторија, преку кои ќе се следат производството, понудата, побарувачката, залихите, цените, увозот и извозот.

Законот предвидува и поголема поддршка за организациите и групите на производители, со цел преку заедничко планирање, стандардизација на квалитетот и концентрација на понудата да се зајакне нивната преговарачка позиција.

Предвидени се и инструменти за јавна интервенција и поддршка за приватно складирање при сериозно нарушување или непосреден ризик на пазарот. Предлогот истовремено се усогласува со правилата на Европската Унија за заедничка организација на земјоделските пазари.