Охрид

До крајот на годинава треба да заврши реконструкцијата на новото болничко крило во „Св. Еразмо“

25.09.2026 17:48

По десет години застој, до крајот на годинава треба да заврши реконструкцијата на новото болничко крило во „Св. Еразмо“ во Охрид. Инвестицијата надминува два милиони евра, а со новите капацитети болницата треба да добие четири операциони сали и услови за развој на нови медицински услуги.

До крајот на годинава ќе заврши реконструкцијата на новото болничко крило во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Инвестицијата, ќе надмине два милиони евра, избрана е фирма која ќе ги заврши градежните работи, а со проектот болницата ќе добие нови операциони сали, модерна интензивна нега и подобри услови за пациентите.

Се очекува да се зголеми и обемот на интервенции, а болницата да прерасне во регионален центар.

„Тоа се водеше долго време заедно, за да се затвори финансиската конструкција, избран е добавувач кој треба да ги заврши градежните работи, постапките за набавка на опрема дел се во тек, дел ќе бидат обновени, и јас, еве, би ставил рок да до Нова година, за да си направиме притисок, до Нова година новото крило, и тоа е цела нова болница да биде ставена во употреба“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

За раководството на „Св. Еразмо“, завршувањето на крилото значи и можност за проширување на медицинските услуги и создавање услови за развој на ортопедијата и неврохирургијата.

„И мислам, ќе се потрудиме, меѓу другото, да поставиме една можеби, најрепрезентативна институција од областа на ортопедијата и неврохирургијата. Значи, како што го градиме патот, како и со заложби на Владата на Република Македонија и поддршка, да станеме еден референтен центар во ортопедијата и во неврохирургијата“, нагласи д-р Хари Шокароски, директор на „Св. Еразмо“.

Реконструкцијата на новото болничко крило започна во 2016-та година, иако поголем дел од градежните работи беа завршени, проектот со години беше во застој.

Соња Рилковска