Свет

Вашингтон и Пекинг бараат нов баланс во односите

25.09.2026 20:48

Претседателите на САД и Кина, Доналд Трамп и Шји Џјинпинг, порачаа дека сакаат да го продолжат дијалогот и да избегнат нова ескалација. Двете страни постигнаа договор за продолжување на трговското примирје, но низа клучни прашања остануваат нерешени.

Вашингтон и Пекинг работат на нов баланс во односите. Претседателите на САД и Кина, Трамп и Џјинпинг, демонстрираа подготвеност за продолжување на дијалогот и избегнување нова ескалација. Најконкретен исход од тридневната посета е продолжувањето на трговското примирје за уште два месеца. Шефот на Белата Куќа и првата дама Меланија го пречекаа Шји и неговата сопруга Пенг на свечена вечера. Американскиот претседател му подари на кинескиот лидер скулптура на белоглав орел – птица карактеристична за Северна Америка и национален симбол на САД.

„Како лидери на нашите две нации, претседателот Си и јас разбираме дека претставуваме различни системи, но врските меѓу нашите народи опстојуваат, а никогаш досега не сме имале подобри односи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Сепак, остануваат отворени прашањата за царините, кинеските набавки, ретките минерали и вештачката инетелегенција. Главна линија на поделба и натаму е и Тајван, откако Шји повика Вашингтон да се спротивстави на независноста на островот.

„Со претседателот Трамп имавме искрени и длабински разговори и постигнавме нови заеднички разбирања, со што ја збогативме содржината на конструктивниот однос меѓу Кина и САД заснован на стратешка стабилност и обезбедивме нови стратешки насоки за односите меѓу двете земји“, изјави Шји Џјинпинг, претседател на Кина.

Демократите ја критикуваа посетата меѓу лидерите на двете најголеми економии во светот, оценувајќи дека церемонијалниот дел од посетата бил во преден план во однос на конкретните резултати за вештачката интелигенција, трговијата и критичните минерали.

Маријана Димовска