Студентски

Поскапувањата ја намалија вредноста на студентскиот оброк

25.09.2026 18:11

Внимателно ќе ги разгледаме – ова е ставот на министерката Јаневска за најавените студентски иницијативи за зголемување на субвенцијата за студентски оброк, која сега изнесува 140 денари дневно. На маса ќе се најде и барањето за помош поради поскапувањето на меѓуградскиот превоз за студентите.

Инфлацијата го изеде студентскиот оброк.

140 денари не се доволни, велат студентите. Цените на храната постојано растат, а сумата која државата ја издвојува станува симболична. Студентски организации со иницијатива до Министерството за образование за зголемување на финансиската поддршка.

„Бев да јадам после испит во локалниот ресторан, за парче месо и прилог компири платив над 400 денари, а оброкот е 140 денари. Мислам дека треба да биде барем 300 денари од ден“, изјави студент.

„Може да се зголеми студентскиот оброк, барем 1.000 денари неделно да биде“, рече друг студент.

„Се преживува со оваа сума, може да се зголеми“, додаде друг.

„Добро би им дошло на студентите“, рече друг студент.

Министерката за образование Јаневска вели дека ќе ја разгледаат иницијативата на студентите. Ќе се прави анализа дали во буџетот има пари за поголемо субвенционирање.

„Со внимание ќе ги разгледаме иницијативите на студентите, како и сите досега, потоа ќе одговориме во рамките на нашите можности. Има ли услови, буџет за да се зголеми субвенционирањето? – ќе треба да се направи анализата, потоа ќе одговориме и на студентите и јавно“, изјави Весна Јаневска – министерка за образование и наука.

Субвенционираниот студентски оброк се исплаќа од 2021 година. Пред три години износот од 120 се зголеми на 140 денари. Право на субвенциониран оброк имаат редовните студенти од прв или втор циклус, како и студентите на интегрирани студии. Еден од условите е да немаат месечен приход повисок од минималната нето-плата во државата.

 

Андријана Ѓурческа