Култура

„Ткајачите на филм“ ги спуштија завесите на ИФФК „Браќа Манаки“

26.09.2026 12:26

Стручното жири со престижната награда „Златна камера 300“ го награди кинематограферот Лукас Жал за филмот „Татковина“.

По изобилието филмски проекции, многу мастер класови, работилници, дружење и соработки, со македонскиот филм, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, „Ткајачите на филм“ ги спуштија завесите на овогодишниот Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Стручното жири со престижната награда „Златна камера 300“ го награди кинематограферот Лукас Жал за филмот „Татковина“.

„Јас сум толку среќен. Благодарам! Изненаден сум. Не можев да бидам таму, но наредниот пат ќе дојдам во Битола. Прекрасен фестивал кој ја слави кинематографијата“, изјави Жал.

„Сребрена камера 300“ отиде во рацете на кинематограферот Жонџианг Лианг, за филмот „Непозната девојка“.

„Благодарам! Иако филмот доаѓа од Кина, верувам дека емоцијата која ја пренесува припаѓа на целиот свет“, нагласи Лианг.

„Бронзена камера 300“ понесе кинематограферот Пол Спенгеман за филмот „До крајот на денот“.

„Ова е прекрасно. Јас сум толку среќен за овој концепт, го обожавам фестивалот. За првпат бев дел од него. Благодарам многу!“, рече Спенгеман.

На сцената леташе жива птица како симбол на слобода и љубов во кинематограферството и кон фестивалот, рече Доксевски.

„Кристална камера 300“ понесе кинематограферот на филмот „Покрај ридот на наполеоновиот шешир“. „Мала камера 300“ за најдобар краток филм понесе кинематограферот Хулијан Амару за филмот „Таму на небото“, а за најдобар документарен филм беше прогласен филмот „Ништо не се случува откако ќе заминеш“. За него кинематограферот Ала Кеир понесе „Железна камера 300“.

Ружица Аџикотарева-Ѓоршевска