МВР

Мраз произведуван во нехигиенски услови, утврдено присуство на бактерии – кривична пријава против двајца радовишани

26.09.2026 12:01

При претресите на четири локации, извршени на 16 септември со судска наредба и во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, биле пронајдени четири машини за производство на мраз, замрзнувачи и поголема количина спакуван мраз наменет за продажба.

СВР Струмица – ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против двајца 62-годишни радовишани, осомничени дека повеќе години неовластено произведувале и продавале мраз во импровизирани и нехигиенски услови. При анализите во мразот било утврдено присуство на ешерихија коли и колиформни бактерии, а одземени се околу 850 килограми мраз.

Според полицијата, Т.Д. и С.Д. биле нерегистрирани производители на мраз, кој го пуштале во промет на физички и правни лица. При претресите на четири локации, извршени на 16 септември со судска наредба и во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, биле пронајдени четири машини за производство на мраз, замрзнувачи и поголема количина спакуван мраз наменет за продажба.

Земени биле примероци од водата што се користела како суровина, од готовиот мраз и брисеви од опремата. Според резултатите од лабораториските анализи, само водата ги исполнувала пропишаните параметри, додека во останатите примероци било потврдено присуство на ешерихија коли и колиформни бактерии. Од АХВ ледомати и замрзнувачи со околу 850 килограми мраз ги запечатиле и одзеле.

При претресите било утврдено и дека водата за производство во подрумските простории не се мерела преку водомер, а од полицијата наведуваат дека била обезбедувана преку нелегален приклучок на водоводната мрежа.