Граѓански форум: Македонија и иднината на Европа
Европратеници, пратеници во Собранието и експерти на граѓанскиот форум „Македонија и иднината на Европа: граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“ разговараа за патот на земјата кон интеграција во ЕУ и за улогата на граѓаните во обликувањето на демократската иднина на државата.

Европската унија не е само наша крајна политичка дестинација. Од нашите европски партнери учиме, но и отворено ги кажуваме нашите очекувања, предизвици, потреби и разочарувања, истакна претседателот на Собранието, Гаши на граѓанскиот форум „Македонија и иднината на Европа“ во Скопје.
„Нашата порака е јасна. Сакаме да бидеме дел од Европската унија, но сакаме и европските стандарди да станат реалност за секој наш граѓанин. Европската интеграција ќе има вистинска вредност само доколку граѓаните се чувствуваат како активни учесници, а не како набљудувачи на процесот“, нагласи Гаши.
Напредокот на Македонија е потребен за да се движите напред, да развиете модерно, демократско и добро организирано општество без оглед дали сакате да се приклучите на Европската унија еден ден или не, порачаа европратениците.
„Една просперитетна земја која се развива, нуди добри услови за живот за своите граѓани. Такви земји се фундаментот за успешни општества. Ако не успеете да го понудите тоа на граѓаните, тогаш граѓаните ќе бараат подобар живот на друго место и тоа ни прави голем проблем“, рече Томас Вајц – известувач на ЕП за Македонија.
„Европската унија има воспоставено формални канали за вклучување на обичниот граѓанин во процесот на одлучување. Така што ние се обидуваме да вложиме најдобри напори да осигуриме сите граѓани да бидат вклучени“, изјави Бранислав Ондруш, европратеник од Словачка.
Приоритети за Македонија на патот кон ЕУ остануваат владеењето на правото, добри услови за живот, зелената агенда, се заклучоците од граѓанскиот форум „Македонија и иднината на Европа“.
Ирина Гелевска
