На Брзата помош ургентно ѝ е потребна помош преку реформи
За Итната медицинска помош има незадоволство кај граѓаните, свесен е и министерот Клековски. Најавува реформа. Дали формирањето на Национален диспечерски центар може да го реши проблемот. Сите повици од целата држава на едно место. Ќе постои тријажа, јасни правила како во Словенија.

Како на граѓаните, така и на Брзата помош ургентно ѝ е потребна помош преку реформи. Дали наскоро на терен ќе одат само медицински сестри или ќе останат во тим со лекар – е едно од прашањата за кои се размислува.
Ресурсите се ограничени, повиците бројни. Особено е изразен проблемот за оние пациенти кои живеат на граница помеѓу две општини, па мора да крепат душа да заврши препирката помеѓу лекарите кој да појде за да помогне. Спас од вакви ситуации ќе се бара во Националниот диспечерски центар, каде сите повици ќе стигнуваат на едно место.
Ќе постои и индекс на тријажа, јасни правила како во Словенија, црвените повици се итни, жолтите може да чекаат до два часа, зелените и до наредниот ден.
Оценката на министерот Клековски е дека Итната медицинска помош е едно од местата на поголемо незадоволство на граѓаните, се набавуваат нови возила, но проблемот не се решава.
Во однос на референтни земји во регионот, Македонија заостанува организациски, затоа е отворен процесот на подлабока реформа на Итната медицинска помош. Таа започнува со издвојување на Итната медицинска помош од Здравствен дом Скопје, како и формирање на Национален дипечерски центар.
Потребни се законски измени, па со која динамика ќе се одвива реформата не се знае.
Наташа Јанчиќ-Менковски
