Дијаспора

Мицкоски во Њујорк: Македонија е нашата татковина, вратата за дијаспората секогаш е отворена

26.09.2026 16:25

Вратата дома секогаш ви е отворена, целта на Владата е што повеќе македонски граѓани да се вратат во својата татковина – премиерот Мицкоски со дијаспората во Њујорк ја одбележа 35 годишнината од независноста на земјава.

Во Њујорк се одржа прием по повод 35-годишнината од независноста на Македонија. На настанот присуствуваше високата владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која престојува во Њујорк по повод учеството на Генералното собрание на Обединетите нации.

Пред претставниците на дијаспората и странските гости, Мицкоски порача дека земјата треба да ја гради својата иднина заедно со граѓаните во земјата и со иселениците.

„Македонија е вашата татковина. Вратата дома секогаш ви е отворена. Целта на оваа македонска Влада е што повеќе македонски граѓани да се вратат во својата татковина, таму да инвестираат, таму да ја градат иднината на своите семејства“, изјави Мицкоски.

Премиерот пред присутните ја претстави и економската состојба во земјата, при што се осврна на растот на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти. Тој оцени дека парламентарното мнозинство и политичката стабилност овозможуваат спроведување реформи и постигнување економски резултати.

Мицкоски се осврна и на безбедносните и економските предизвици во Европа, посочувајќи ги војната во Украина, кризите на Блискиот Исток и енергетските предизвици.

„Македонија е сè што имаме и затоа вреди да се бориме за нејзино подобро утре. Ја очекувам вашата поддршка заеднички да ја исцртаме иднината за нашата татковина и за граѓаните кои живеат таму“, порача премиерот.