Документарен филм и изложба

„Македонецот“ – детство одземено од прогонство

27.09.2026 14:02

Од личната трагедија на едно дете протерано од родниот крај, до приказна која треба да стигне до целиот свет. Документарниот филм „Македонецот“ ја раскажува судбината на Мито Алексовски, едно од македонските деца принудени да ја напуштат Егејска Македонија.

Како дете, Мито Алексовски бил принуден да го напушти родното Шештево во Костурско и заедно со други деца да замине во неизвесност, далеку од семејството и домот. Животот го продолжил во Полска, но траумата и споменот ги носел со себе до смртта. Не добил виза да присуствува на погребот на сопствениот татко. Тоа е една од причините поради кои, децении подоцна, неговиот син Петро ја раскажува трагична приказна во документарниот филм „Македонецот“.

„Татко ми одговори дека јас сум Македонец, јас сум дете, човек, жив човек сум. И тој му одговори: ’За нас ти си ништо.‘ И јас ова го запаметив. Но, и виза не доби и на погребот не беше“, вели Петро Алексовски.

Приказната за своето детство и разделбата од семејството, Мито ја раскажал пред камерата на својот син откако дознал дека боледува од смртоносна болест.

„Преку тие три дена ми зборуваше за тоа што никогаш не го знаев. И тогаш, во тие три дена, кога јас имав 45 години, тогаш првпат јас го запознав татко ми. За тоа време јас не знаев со каков човек живеам, каква голема болка во срцето тој носи, живеејќи со таа болка“, додава Алексовски.

Од тие сведоштва се раѓа „Македонецот“ – документарен филм за едно семејство, но и за судбината на една цела генерација деца. Преку филмот и изложбата „Мајко мила“, Петро го враќа гласот на оние кои детството го оставиле зад себе, а корените никогаш не ги заборавиле.

Соња Рилковска