Регион

Неизвесен исход на претстојните избори во Србија

27.09.2026 12:53

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека денеска, 27 септември, ќе поднесе оставка и ќе ѝ се обрати на јавноста. Тој претходно соопшти дека ќе се кандидира за премиер на предвремените парламентарни избори. Дали изборите во Србија закажани за 25 октомври ќе овозможат нов политички легитимитет и ќе ги намалат длабоките општествени поделби?

Вонредните парламентарни избори претставуваат еден од најзначајните политички тестови за Србија во последните неколку години со неизвесен исход. Тие се одржуваат во услови на длабока политичка поларизација и двогодишни студентски протести.

Вучиќ во недела поднесува оставка на функцијата претседател за да биде кандидат за премиер на Српската напредна партија која заедно со Радикалите на Шешељ на парламентарните избори за месец дена настапува под името „Александар Вучиќ – Единствена Србија“.

Според рејтингот единствените што можат значително да влијаат на изборниот резултат е Студентското движење, кое стана политички фактор со Студенткската листа предвоена од професорот кардиолог Илија Срдановиќ и поддржана од голем број опозициски партии.

Суштинско прашање на овие избори не е само кој ќе го освои мнозинството во собранието, туку и дали изборниот процес ќе овозможи нов политички легитимитет и ќе ги намали длабоките поделби во Србија.

„Ако го погледнеме досегашното искуство од изборите, имаме сериозна загриженост да постои можност за одредено насилство во изборната кампања, на самите избори и ноќта по изборите, што може многу силно да ги обеспокои граѓаните и да ги вознемири. Доколку изборите го донесат првиот чекор на промени, тоа ќе биде почеток на генерациска работа на закрепнување на општеството во Србија“, изјави Ѓорѓе Влајиќ, уредник во Фонет.

За власта не е доволно да освои мнозинство мандати. Потребно е да обезбеди инклузивен и транспарентен изборен процес, чиј резултат ќе биде прифатен од политичките актери кои губат и од ЕУ.

За студентското движење кое не е организирано како класична политичка партија со идеолошки хетероген спектар, најголемиот предизвик ќе биде претворањето на силната социјална мобилизација во политички резултат, а воедно да се зачува сопствениот кредибилитет и непартискиот карактер.

Затоа овие избори претставуваат еден од најзначајните политички тестови за Србија во последните неколку години со неизвесен исход.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ