21 возач лишен од слобода поради „безобѕирно управување возило“
Во текот на изминатото деноноќие, полицијата лишила од слобода 21 возач и извршила службен разговор со уште едно лице поради кривичното дело „безобѕирно управување возило“. Од нив, 11 возеле без положен возачки испит, 10 биле под дејство на алкохол, а едно лице управувало со активна забрана.

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишиле од слобода 21 возач и извршиле службен разговор со уште едно лице поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.
Од лишените возачи, 11 управувале возило без положен возачки испит. Меѓу нив има и 16-годишник од Маврово и Ростуше. Во еден од случаите, возачот од Скопје покрај тоа што немал положен возачки испит, возел и со поголема брзина од дозволената.
Во ОВР Пробиштип, во присуство на родител, бил извршен службен разговор со 16-годишник од кратовско, кој управувал мопед без возачка дозвола.
Уште 10 лица биле лишени од слобода бидејќи управувале возило под дејство на алкохол. Станува збор за лица од Кумановско, Радовишко, Македонска Каменица, Кичево, Тетовско, Скопје, Битола и Прилеп.
Полицијата го лишила од слобода и 37-годишниот В.Д. од Македонски Брод, кој управувал патничко возило иако имал активна забрана за управување возило од Б категорија.
По целосното документирање на случаите, полицијата најавува поднесување соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.
